ЕВН Електродистрибуција го зголеми капацитетот на трафостаница Аеродром

ЕВН Електродистрибуција пушти во употреба ново 110 киловолтно трансформаторско поле и нов извод (10 (20) KV), во општина Аеродром. Со проширувањето на постојната трафостаница „Аеродром“ (110/10 KV) за една третина е зголемен капацитетот и се отворија можности за приклучување на нови корисници и развој на индустријата во оваа скопска општина.

Потребата за проширување на ТС 110/10kV „Аеродром“ се јави од зголемен број на нови корисници поради изградбата на станбени и деловни објекти во населбата Ново Лисиче, Реонски центар и на ул. „3-та Македонска бригада“.

На новоизградениот извод ќе се приклучат над 2000 корисници од населбата Аеродром, меѓу кои и комплексот згради на „Џеваир холдинг“, спортскиот центар „ Јане Сандански“, хотел Русија и дел од индустриските корисници од соседната населба Гоце Делчев.

ЕВН Електродистрибуција инвестираше 1,5 милиони евра во доградба на постоечката 110/10 kV трансформаторска станица и инсталирањето на трет енергетски трансформатор, проширување на 110 kV трансформаторска постројка и нови 10 kV изводи, за чии потреби беше изградена и нова зграда. Со ова се очекува да се зголеми сигурноста, квалитетот и доверливоста во снабдувањето на корисниците во населба Аеродром. Ќе се растовари и снабдувањето со електрична енергија на корисниците од индустриската улица во населба Гоце Делчев.